Празнични колачиња со два типа на ореви

Празничната магија секогаш може да се зачини со нов тип на празнични колачиња. Овој пат ќе Ви покажам како да направите мини лапни-голтни колачиња со два вида на ореви – обични и пекан ореви.

Пекан оревите имаат изразито сладок и путерест вкус и се со блага шумска арома. Надворешноста е малку горчлива, а внатрешноста има масна структура. Поради нивната специфичност и деликатност, колачињата кои што ќе ги направиме со пекан ореви се поинакви од сите други колачи  кои што досега сте ги пробале.

празнични колачиња

Подготовката е мошне едноставна и практична, па за помалку од половина час  ќе може да се нагостите со овие превкусни колачиња. За да имаат уште поинтересна текстура во нив додадов и чоколадна компонента во форма на чоколадни капки. Доколку не можете да најдете капки, тогаш без проблем може да користите чоколадо исечкано на мали парченца. Откако ќе го подготвите тестото и ќе го обликувате секое колаче посебно, во средината го украсувате со половина пекан и на тој начин ја добивате формата на колачињата која што е прикажана на фотографиите.

Празнични колачиња со два типа на ореви

Подготовката е мошне едноставна и практична, па за помалку од половина час  ќе може да се нагостите со овие превкусни колачиња

  • 100 г ореви
  • 70 г пекан ореви
  • 230 г путер (омекнат)
  • 250 г кафен шеќер
  • 100 г кристален шеќер
  • 1 јајце
  • 1 жолчка
  • 2 пакетчиња ванилин шеќер
  • 370 г брашно
  • 1 лажичка нишесте
  • ½ лажичка сода бикарбона
  • ½ лажичка прашок за печиво
  • 50 г чоколадни капки или чоколадо исечкано на мали коцки
  1. Најпрво растопете го путерот и оставете да се излади 10 минути.
  2. Во длабок сад додајте го кафениот и обичниот шеќер, ванилата, изладениот и растопен путер и промешајте. Додадете ги јајцето и жолчката и повторно промешајте.
  3. Во друг сад промешајте ги сувите состојки т.е. брашното, содата, нишестето и прашокот за печиво. Додајте ги сувите состојки во течните и оформете го тестото за колачињата.
  4. На крај во тестото додадете ги чоколадните капки и сечканите ореви.
  5. Оформете мали топчиња од смесата и со половинките од пекан оревите притиснете во средишниот дел на колачето.
  6. Вака подготвените колачиња печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 10-12 минути.

    Добар апетит и забавно готвење!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *