Есента е како создадена за приготвување на ајвар, лутеница, малиџано и многу други превкусни деликатеси од печени пиперки. Тоа е време кога целото семејство се собира на едно место за да помогне во традиционалната подготовка на зимницата. Време кога се дружиме, евоцираме спомени и со своето учество во готвањето споделуваме дел од својата љубов во домашните специјалитети.

Инспириран од топлиот мирис и вкус на печените пиперки, денес Ви приготвив полнети ајварки со урда и ореви. Урдата оди совршено со печените пиперки, додека оревите се онаа посебна состојка која дава крцкавост и јаткаст шмек на јадењето.
Печени ајварки полнети со урда и ореви

Урдата оди совршено со печените пиперки, додека оревите се онаа посебна состојка која дава крцкавост и јаткаст шмек на јадењето.
- 4 црвени пиперки (ајварки)
- 500 г урда
- 2 јајца
- 100 г сечкани ореви
- сол по вкус
- маслиново масло
Во длабок сад промешајте ги урдата, јајцата, сечканите ореви и зачинете со сол по вкус.
Секоја од пиперките добро измијте ја и пресечете ја на половина. Исчистете ги семките и наполнете ги со филот од урда и ореви.
Наредете ги пиперките во тавче обложено со хартија за печење, полејте малку маслиново масло и печете во загреана рерна на 180 степени околу 30-35 минути.
Добар апетит и забавно готвење!

