Многумина од вас ме знаат како „детето што прекрасно готви на телевизија“.
До сега имам гостувано во повеќе од 40 утрински емисии на телевизија Сител, па овој прекар е неизбежен. Јас лично уживам во секое дружење и посветувам посебно внимание на тоа што ќе го презентирам пред публиката. Овој пат, со вас ќе споделам како се одвиваше моето последно телевизиско гостување .
Па доколку ја пропуштивте емисијата, прочитајте што се случуваше и што интересно подготвив во неа.

Вторник наутро, и време е за последна проверка.
Сите состојки се точно измерени, сите садови се на место и најважното нешто е тука-насмевката. Камерите ја обожуваат насмевката, а и публиката исто така. Иако 7 часот наутро не звучи како период од денот резервиран за насмевки, сепак се присутни. Особено кога работите нешто со љубов и ентузијазам.

Секој рецепт кој го презентирам на телевизија е внимателно одбран. Секогаш се одлучувам за нешто едноставно, но доволно интересно за да привлече внимание. Во исто време, мора да биде и актуелно. Во топлите летни денови, нема ништо поосвежувачко од чаша студена лимонада. Па затоа, се одлучив за интересен рецепт кој мене ми стана омилен-лимонада со малини.
Богатиот и киселкаст вкус на малините ме воодушевува, па затоа не пропуштам да купам по некое канче кога има на залиха на зелените пазари. Овојпат, тие се најдоа како одличен додаток на свежата лимонада. Розевата лимонада ја сервирав во мали теглички, со интересни и разиграни цевки. Совршен напиток и за мали и за големи!

Знам дека копнеете по кремаст чоколаден сладолед со кршени колачиња, па морав да го споделам со вас најбрзиот рецепт. Се надевам не ми замерувате што чашата ми се преврти. Ќе се обидам да надоместам со тоа што ќе ја споделам тајната за подготовката. Тајната е во тоа да додатете мноогу кршени колачиња, кои ќе внесат крцкавост во кремастата текстура на сладоледот. Ако колачињата се со парчиња чоколадо, тогаш ја имате добитната комбинација.

Покрај овие интересни рецепти, морав да подготвам и нешто со тесто. Веќе знаете дека тоа е моја специјалност, па не пропуштам прилика да споделам некој месен рецепт со вас. Појадокот во кревет од претходниот пост побуди голем интерес, па решив да го подготвам. Лиснато тесто со ароматичен кари сос и парченца пилешко е оброк што лесно се подготвува. Сеуште го чувствувам мирисот на печурки и многу ароматични зачини кој се ширеше низ студиото. Над таа магија од вкусови и мириси, прелеав павлака за готвење. Во меѓувреме, домашните кифлички се печеа.Едноставно морав да ви покажам како да ги направите моите добро познати „роденденски кифлички“. Пријатниот мирис ги примами сите.

10 часот, емисијата е одјавена, камерите се исклучуваат. Но, насмевките остануваат. Мирисот на свежо печени кифли и кари сос привлече многу љубопитни вработени, кои едвај чекаат да видат и вкусат од летните чудесии.


