Сигурно веќе ги видовте фотографиите од мојата роденденска трпеза кои што ги објавив на Фејсбук профилот. Ако ги следите албумите од моите родендени ќе забележите дека овој ден сакам да го одбележам со блискиот круг на пријатели, уживајќи во вкусна храна која ја подготвувам јас самиот. Решив со вас да ги споделам и деталите околу подготовката на овогодинешната роденденска прослава. Се надевам дека ќе уживате!


Веќе знаеме дека никој повод не поминува без вкусна крем салата. Мојот избор оваа година беше цвекло салата. Има една посебна причина зошто се решив токму оваа крем салата да се најде на мојата роденденска трпеза. Неодамна ми текна да ја отворам втората фиока од комодата, каде што ги чуваме семејните фотографии. Случајно наидов на албумот од детските родендени. Замислете, на секој мој роденден ја имало токму истата. Мојата мајка низ смеа ми потврди дека таа било мојата омилена крем салата.И на гостите исто така. Решив традицијата да ја продолжам и оваа година.


Одлуката за тортата и не беше така брза и лесна. Но, изборот конечно падна на Шварцвалд торта. Не преувеличувам кога кажувам дека гостите беа фасцинирани. Откако ја фотографираа од сите можни агли, конечно можев да пресечам по едно големо и сочно парче за секого. Ровкиот чоколаден пандишпан во комбинација со цврстите и зрели цреши беше вистински погодок. Никој не се пожали дека нема место за тортата.


Освен вкусната храна, знаете дека секогаш посветувам внимание и на сервирањето. Преовладуваше белата боја, со акценти во боја на лаванда. Имав снопче свежа лаванда при рака, па решив да внесам свежина во декорациите. Декоративните салфетки беа врзани со бела декоративна лента, заедно со неколку гранчиња лаванда. Крајниот резултат навистина ги воодушеви гостите.

Целиот процес на подготовка на трпезата за мене беше уживање. Особено ме израдува тоа што моите пријатели беа воодушевени од храната. Што мислите за овогодинешната роденденска трпеза? И како вие ги прославувате вашите и родендените на најблиските? Едвај чекам да ги слушнам вашите мислења во коментарите на објавата на Фејсбук профилот.

